Министерот за надворешни работи Бујар Османи му реплицира на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој му порача дека може само да сонува оти пратениците од најголемата опозициска партија ќе гласаат за промени на Уставот.
„Не знам, можеби ќе се разбуди тој кога на телевизија ќе гледа како поминуваат уставните измени. Шегата на страна, кажав во една пригода дека првпат идејата за уставните измени како решение за односите со Бугарија сум ја чул од висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ. Таа е цела една идеолошка линија, луѓе коишто таму дебатираат, пратеници кои на дневна основа разговараат со нашите пратеници. Јасно е разбирањето, и тоа е она што на мене ми дава оптимизам. Јас се надевам дека тие луѓе ќе ги видиме на денот на гласањето поради тоа што, често кажувам, никој нема да сака неговото име да биде запишано во историјата како човек што ја изолирал европската перпсектива на државата. Затоа што, едно треба да ни биде јасно – без уставни измени, треба да заборавиме на Европската унија. Ако некој е подготвен да ја закопа европската иднина… и кажете ми вие како ние ќе продолжиме без Европската унија. Досега ќе кажевте: ‘Па така сме биле и порано’. За првпат ќе прекинат односите со Европската унија формално. Ќе прекине. Нема да има преговори понатаму“, изјави Османи во „Само интервју“ на Канал 5.





