Новинар на „Слободен печат“ даде отказ откако уредниците му повлекоа текст за рудникот Иловица

Текстот во онлајн-изданието на „Слободен печат“ дека владата „полутајно“ дозволила спојување концесии за рудник во Струмичко – стана целосна тајна. Редакцијата го повлекла, па иако линкови сѐ уште може да се најдат на пребарувачите и на социјалните мрежи, зад нив стои само пораката „оваа страница не постои“.



„Дадов моментален отказ“, изјавил за БИРН, новинарот што го објави текстот, Жарко Настоски, кој речиси две години беше дел од таа редакција.

Тој додал дека бришењето му го објасниле со тоа дека „се договориле да не се објавуваат непроверени информации“ за рудниците во Струмичко, „Еколог“ и владата.

Уредничката на „Слободен печат“, Валентина Ангеловска, за БИРН не сакала да даде подетално образложение за повлекувањето на содржините.

„Не можам ништо да ви кажам, тоа е одлука и политика на компанијата“, рекла таа во кусиот телефонски разговор.

Темата за можното реактивирање на проектите за рудници во југоистокот на земјата против кои имаше големи протести и кои се стопираа по последната промена на власта, се реактуализираше од декември минатата година, кога Вишиот управен суд ја прифати жалбата на концесионерот Еуромакс Рисорсис против владината одлука еднострано да се раскине договорот за концесија. Оттогаш оваа приказна стана „жешка“ во медиумите, особено откако се дозна дека во меѓувреме познатиот бизнисмен Назиф Дестани од Тетово, основачот на фирмата „Еколог“, станал акционер во Еуромакс Рисорсис.

Локацијата каде треба да биде отворен рудникот Иловица Фото: В. Апостолов

Редакцијата на „Слободен печат“ го следеше развојот на оваа ситуација исто како и други медиуми, но неодамна повлекла дел од текстовите. Освен текстот што Настоски го објави на 5, на пребарувачот Гугл може да се најде уште еден текст од истиот медиум поврзан со оваа тема, но со мртов линк, насловен „Управниот суд ги укинува пречките, „Еколог“ на Назиф Дестани на чекор до отворање на рудникот Иловица“.

Професионалните стандарди во медиумската работа налагаат дека ако се објави содржина со неточни информации, по неа треба да се објави и исправка или демант, односно да се остави трага дека била направена грешка и објаснување зошто и како таа е исправена. Целосното повлекување веќе објавени содржини се смета за потег спротивен на овие стандарди.

Уредничката Ангеловска, за БИРН, не сакала да даде објаснување зошто во последниот случај не објавиле исправка, ако имало непроверени информации, туку едноставно го избришале текстот.

Целиот текст на Призма на следниот линк:

https://prizma.mk/novinar-dade-otkaz-poradi-izbrishan-tekst-za-ilovitsa/?fbclid=IwAR1ajs_wM-ITMkkW7Hx0WNzO8-80thNhgnkYLq2T57tU8Q6XkPpPtExxaE4