Украинскиот претседател Володимир Зеленски сепак денеска ќе пристигне во Бугарија и покрај сомнежиуте дека тоа ќе се случи откако претходно „протекоа“ информации за неговата посета што предизвика стравувања од безбедносни причини..
Бугарскиот премиер Николај Денков сепак ја потврди посетава утрово.
Зеленски ќе допатува од Молдавија со авион на бугарската влада и се очекува да слета во Софија околу пладне, јавуваат бугарски медиуми.
Тој во владата ќе има средба со премиерот, неговата заменичка Марија Габриел и други членови на владата.
Потоа е закажана средба меѓу него и неговиот бугарски колега Румен Радев, според информациите на Денков.
„Му се јавив на претседателот и му реков: „Зеленски доаѓа, затоа – имајте го тоа на ум, одлучете дали ќе се сретнете со него.“ Ова е начинот на кој треба да се бара конструктивен дијалог“, рече премиерот за комуникацијата со Радев.
Засега не е јасно дали Зеленски ќе оди во Националното собрание. Планирани се разговори меѓу него и претседателот на Собранието Росен Желјазков, како и лидери на пратенички групи, тврди bTV.
Околу 14 часот се очекува Зеленски да одржи прес-конференција за медиумите.
Во главниот град има засилено полициско присуство, особено на трасата од аеродромот до центарот каде се сместени зградите на претседателството, владата и парламентот.







