Професорката и пратеничка Гордана Силјановска-Давкова од собраниската говорница го прозва министерот за правда Кренар Лога по одлуката на Уставниот суд привремено да го стопира спроведувањето на неговото упатство за изводите од матичните книги.



„Уставниот суд едногласно реши самиот да покрене иницијатива за оценка на вашето гласно обзнането упатство со кое во изводите од матичните книги на родените, венчаните и умрените се внесува графата за ‘националност’.

Ве потсетувам дека поимот ‘националност’ од 2001 година не е уставна категорија кај нас;

дека во правото на многу европските држави е синоним за државјанство;

дека декларирањето на етничката припадност во личните документи е непознат европски правен феномен, па дури е и забрането;

дека асоцира на предграѓанско, односно предполитичко општество, а не на граѓанско, европско општество.

Ви укажувам дека треба да преземете одговорност доколку Уставниот суд утврди неуставност на упатството“, му порача Силјановска на Лога.