Од денеска студентите по медицина во Албанија за да ја добијат дипломата за завршено високо образование ќе мора да работат пет години во домашното здравство, пишува „Балкан инсајт“.
Планот беше објавен пред неколку месеци, но усвоен дури денеска, а премиерот Еди Рама сам ја донесе одлуката, сакајќи да испрати „порака“ додека ја презентираше.
Рама изјави дека медицината не е како сите други професии, туку има врска и со обврската на секоја држава да обезбеди здравствена заштита за своите граѓани и правото на граѓаните да добијат здравствена заштита.
„Секој студент по медицина што ќе влезе на Медицинскиот универзитет прво ќе треба да се запознае со фактот дека студиите по медицина траат онолку години колку што траат, а потоа за да се добие диплома треба да се одработат пет години во служба на овој народ“, рече Рама.
Премиерот додаде дека овој услов треба да го исполнуваат сите што сакаат да студираат медицина. Студентите кои во моментов веќе студираат, доколку сакаат да заминат, можеби сега ќе го сторат тоа, но ќе треба да платат данок чии детали ќе бидат познати во иднина.
Студијата на организацијата „Заедно за живот“ со седиште во Тирана, фокусирана на здравјето, во 2021 година вели дека бројот на лекари Албанци кои дипломирале во албанските училишта и сега работат во Германија е 521, според Германската комора на лекари.
Но, „како резултат на масовната миграција и други фактори, Албанија има најниска стапка на покриеност со здравствена заштита за населението, со 1,2 лекари на 1.000 жители“, се додава.
Албанија има население од околу 3 милиони жители.






