Има посериозни доближувања кон нашите идеи и она што Министерството за финансии и Владата можат да го понудат во поглед на нашите барања за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, по денешната седница на Социјално-економскиот совет.

Следниот понеделник се очекува претставниците на синдикатите повторно да имаат средба со владините претставници, а дотогаш она што се разговарало денеска, како што посочи Трендафилов, треба да биде пренесено на органите и телата на синдикатите со цел да одлучат, она што го дискутирале денеска, дали е прифатливо за нив и за вработените во јавниот сектор.
- – „Мислам дека за многу кратко време ќе дојдеме до заедничко решение, што и како ќе се случува со платите на вработените во јавниот сектор, за колкав процент ќе пораснат и дали ќе има исплатата на регресот за годишен одмор и колкав ќе биде. Министерството за финансии треба да ги направи дополнителните пресметки во текот на денот и да ни ги достави за да можеме да донесеме одлуки на нашите органи и тела“, рече Трендафилов.
На новинарско прашање колкав процент зголемување на платите им бил понуден, претседателот на ССМ не даде конкретен одговор.
- – „Не би сакале да го нарушиме целиот процес додека не ги направиме нашите внатрешни консултации и они нивните. Блуски сме до она што го разговараме. Доколку се направат пресметките правилно ќе се задоволат сите страни“, истакна Трендафилов.
По седницата на Економско-социјалниот совет во понеделникот, Трендафилов изјави дека предлогот на синдикатите е инфлацијата која минатата година беше 14,5 проценти да биде основниот параметар со кој ќе се зголемат платите во јавниот сектор.





