ВМРО-ДПМНЕ во реакција на обвинувањата од ДУИ дека се фабрика за лажни вести вели дека партијата на Ахмети е таа што шири лажни вести, прави корупција и во своите редови има криминалци што се потврдени и од американскиот Стејт Департмент.
„Единствена фабрика со директор Ахмети е таа за криминал, која ја поседува фирмата за криминал ДУИ. Ахмети да каже како внук му без вложен денар ја купи Соравија, додека обичните Албанци одат странство за да заработат за преживување. Ахмети да каже како неговото семејство стана едно од најбогатите во Македонија. Како внук му преку ‘Тор Индустриес’ со која ја купи Соравија гради на Коридор 8 како подизведувач“, објави ВМРО-ДПМНЕ во соопштение.
ВМРО-ДПМНЕ очекува кога лидерот Али Ахмети ќе заврши со објаснувањата за внукот да каже како струшкиот градоначалник Рамиз Мерко се најде на црната листа на САД.
„ДУИ е партија која е потврдена за криминална, а нејзините членови се потврдени криминалци од Стејт Департментот. Наместо во власт, луѓето од ДУИ треба да се најдат пред суд. Од обвиненија ги спасува само Ислам Абази, кој го инсталираа на чело на ОЈО ГОКК, и СДСМ со Јовевски. Доаѓа време за ДУИ во опозиција и за одговорност за сите криминали“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.






