Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи се чуди од каде излегле 14-те отсто покачување на платите на работниците, но е оптимист дека ќе се најде решение за методологијата за раст на платите во јавниот сектор. Тој денеска уште еднаш повтори дека решението мора да биде системско и одржливо, не само во корист на вработените во јавниот сектор, туку и во полза на граѓаните кои добиваат јавни услуги.
Потврди и дека разговорите со синдикалците ќе продолжат во среда. Одговорајќи на новинарски прашања, Битиќи истакна дека за него е нејасно од каде се излезени 14-те проценти кои синдикатите бараат да бидат основен параметар за зголемувањето на платите.

Барањето, пак, платите на избраните и именуваните лица да се вратат на ниво како пред одлуката на Уставниот суд и зголемувањето на платите да биде како за работниците, така и за функционерите, како што информира, денеска е прв пат ставено на маса.
- – Не знам од каде се излезени 14-те проценти, рече тој.
На Економско-социјалниот совет денеска, во помал состав, без работодавачите, зборувавме за методологијата за платите во јавниот сектор која се обидувавме да ја усогласиме. Методологија базира на просечната плата помножена со коефициент, со период на прилагодување за да дојдеме до тој модел.

Секако, во среда продолжуваат разговорите во формат на работни групи и кое било решение што сметаме дека е системско и одржливо за да ја зголеми ефикасноста, продуктивноста и ефективноста на јавниот сектор, а тоа се задоволни граѓани од услугите од јавниот сектор, ќе го поддржиме.
- – Преку дијалог ќе дискутираме, прв пат денеска беше даден на маса таков предлог. Треба да видиме што значи тоа вистински. Има институции кои немаат синдикати и треба сеопфатно да се дискутира дали и каков модел би требало да аплицираме, нагласи Битиќи.
Според него, синдикалците не бараат решение со аплицирање една методологија, туку велат „за помалку платените работни места да биде поголемо зголемувањето, за повеќе платените да биде помало. Ќе се разговара во среда, во четврток, во петок, за да се најде решение.
Мислам дека ќе се најде решение, најдобро во овој момент за сите во јавниот сектор, но и за сите во државата, подвлече вицепремиерот Битиќи.





