Нијанси се во прашање, ама далеку сме од договор и решение. Пропадна и денешната седница на Економско-социјалниот совет на која итно се бара решение за повисоки плати. Предлогот на синдикатите е тие да прораснат за 14,5%, колку што сега е двоцифрената инфлација и тоа да биде основниот параметар со кој ќе се зголемат платите во јавниот сектор. Синдикатите бараат и враќање на платите на функционерите како претходно, а зголемувањето да биде исто за сите.

– Тоа што ние предложивме е инфлацијата која минатата година беше 14,5 проценти да биде основниот параметар со кој ќе се зголемат платите во јавниот сектор, од најниската категорија на работно место до највисоката, претседател на државата, и сите да добиеме процентуално зголемување на платите, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Синдикалците додаваат дека имало поместување од „мртва точка“ од страна на Владата и Министерството за финансии во поглед на предлозите и забелешките, ама конкретно немало ништо.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков рече дека ако до септември не се договори покачувањето на платите, ќе се создадат сериозни проблеми со усогласување на платите во однос на процентот на пораст на минималната плата, односно на инфлацијата, како и урамноловката што ја руши мотивацијата кај сите.

Ако од септември не почне исплатата на повисоки плати, како и примената на општиот колективен договор за јавен сектор, функционерските плати ќе треба да се вратат пред одлуката на Уставниот суд и зголемувањето на платите да биде како за нив, така и за работниците.
Oткако пропаднаа преговорите, в среда, како што најавија Синдикатите, продолжуваат состаноците во Министерството за финансии каде што ќе бидат претседателите на сите синдикати и во најтесен круг ќе разговараат за можното решение. Претходно, од Владата понудија зголемување на платите од 5% веднаш и 5% од 2024 година, што е разочарувачки за синдикатите.





