Кој дозволил обид за самоубиство на родилка на скопска гинекологија?

Ќе преземе ли некој одговорност за обидот за самоубиство на родилката која откако се породила се обидела да си го одзела животот со скок од собата на клиниката за гинекологија во која била сместена.



Дали менаџментот и вработените ги почитувале сите процедури особено кога се работи за случаи на постпородилна депресија која е честа појава кај родилки.

Дали министерот за здравство и лекарската комора ќе преземат мерки за расчистување на случајот кој не смеел да се случи затоа што пациентите мора да се под постојан надзор на персоналот?

Ова се дел од прашањата кои ги поставува јавноста по несреќата со родилката која си го одзеде животот.

,,Како си дозволи персоналот на ГАК жена да им се фрли од прозор? Не приметија дека нешто и се случува деновите? Постпородилна депресија не е ретка појава, а може да било и нешто друго, дошол терапевт, алармирале? Кај беше персоналот?”, јавно прашува активистката за правата на жените и ранливи групи и инфлуенсерка позната како Ина Многуфина.

Медицински директор на ГАК е Викторија Јовановска која според дел од медиумите е блиска на сопругата на екс премиерот Заев а беше поставена на ова функција токму кога тој беше на чело на владата.

Таа за медиумите изјави дека не знае како родилките ќе се соочат со сугестијата да разговараат со психијатар.

,,Пациентката не сакала да го дои бебето, била лесно вознемирена, но тоа не е првпат да се случува. Зборувавме со директорот на психијатрија да доаѓа некој лекар оттаму еднаш неделно за почеток за да разговара со мајките, но не знам како ќе го прифатат пациентките. Многу пати пациентките се повредени кога им велиме да разговараат со психолог. Освен за состојбата на пациентката додека беше на ГАК, не смеам за друго да зборувам затоа што семејството не сака да кажуваме податоци за претходната состојба на пациентката”, изјави д-р Јовановска.

Запрашана дали ќе ги заклучат прозорците за да не се случуваат вакви немили настани во иднина, директорката рече дека никаде во светот прозорците не се забарикадирани затоа што се работи за болница, а не за затвор.

Секаде во светот познат е податокот дека една од десет породени пациентки има мало психолошко пореметување, но никаде прозорите не се забарикадирани. Не можеме да ги чуваме пациентките како затвореници, тие треба да се чувствуваат подобро после породување”, рече директорката за случајот без да каже кои мерки се преземени за да не се повтори случајот.

Организациски директор на клиниката за гинекологија е д-р Јетон Шаќири кој според функцијата што ја имал законска обврска да преземе мерки за елиминирање на опасноста од вакви и слични инциденти на клиниката.