Архипелагот Оркнеј размислува да го напушти Обединетото Кралство и да стане автономен регион на Норвешка, објави Би-Би-Си.



Локалните власти разгледуваат „алтернативни форми на управување“, како и промена на нивниот правен статус во Велика Британија за да обезбедат подобри економски можности за островите.

Водачот на локалниот совет Џејмс Стокан објави дека населението на архипелагот сака да се обноват нивните „нордиски врски“.

Архипелагот се наоѓа на северот на Шкотска, на северниот брег на Велика Британија и е составен од околу 70 острови, од кои 20 се населени.

Оркнејските острови биле под норвешка и данска власт до 1472 година, кога ѝ биле дадени на Шкотска како мираз на Маргарет од Данска во нејзиниот брак со шкотскиот крал Џејмс III.

„Ние сме под скандинавска власт многу подолго во нашата историја отколку под британска власт. Луѓето постојано ме запираат на улица и ме прашуваат кога конечно ќе се плати миразот за да можеме да се вратиме во Норвешка“, изјави Стокан за Би-Би-Си.

Денеска и утре за ова прашање ќе се расправа во советот. Ќе биде потребна сложена комбинација од петиции, референдуми и уставни промени, не само на островите, туку и во Лондон, за да се постигне вистинско отцепување.