Иако не ја споменува по име, академик Катица Ќулавкова одговори по нападот од писателката Румена Бужаровска, која ја обвини дека „промовира фашизоидна идеологија и шири говор на омраза“ со застанувањето „рамо до рамо“ со МПЦ-ОА против законите за родова еднаквост и за матична евиденција.
„Eве го мојот оглед-говор за историјатот на благородната и праведна борба за правата на жената и како таа се маргинализира на почетокот на 21 век.
Треба да се чита што е напишано, а не да се халуцинира и да се клевети на непрочитано. Тоа е сериозен психопатски и социопатски симптом на обратна проекција.
Добар писател не се храни со омраза и не поттикнува вулгарни дискурси. Ама ние и онака сме високо на листата на загадени земји“, порача Ќулавкова на Фејсбук покрај споделената сопствена анализа насловена „На почетокот приказната за правата на жената имаше призвук на голема идеја која ќе го промени светот на подобро“, објавена во весникот „Нова Македонија“.
Бужаровска претходно за Ќулавкова се произнесе на својот профил на Фејсбук.
„Да ве потсетам: кога почна пандемијата, Ќулавкова ги обвини Албанците дека шират зараза, со ‘поетскиот’ твит ‘Цената на соживотот ја плаќаме со животот’.
Сега стои во прв ред на протест против родова еднаквост, значи против правата на жените.
Оваа жена е членка на македонскиот, и што е уште пострашно, стои како потпретседателка на меѓународниот ПЕН, кој се залага за човекови права, додека таа промовира фашизоидна идеологија и шири говор на омраза. Еднаш реагирав за ова, ќе реагирам пак.
Време е академската заедница да се истакне во јавноста со членови достојни за својата професија“, напиша Бужаровска, која пред протестот на МПЦ-ОА предупреди: „Внимателно денес. На улица ќе излезе најгрозното и најмрачното во Македонија“.






