Ахмети верува во спас од партиската структура на ДУИ во правосудството, бара истрага за себе, за Мерко и за ДУИ

Лидерот на ДУИ Али Ахмети кој очигледно има целосна доверба дека неговата партиска структура распоредена во сите правосудни институции ќе го спаси него, Мерко и други осомничени за криминал и корупција, денеска побара истрага.



Ахмети кој за прв пат проговори за Рамиз Мерко бара да се отвори истрага за сите луѓе од ДУИ и за него лично.

Лидерот на ДУИ под своја контрола го има заменикот државен јавен обвинител Џелал Бајрами кој предходно беше министер и заменик министер, шефот на обвинителството за организиран криминал Ислам Абази кој на една фотографија е сликан како на глава му стои братот на Али Ахмети, неколку членови на Судскиот совет како и десетици обвинители, судии, членови на различни правосудни тела и институции кои се поставувани од Мала Речица во текот на 21 година од владеењето на ДУИ.

Под своја контрола Ахмети го има и државниот обвинител Љубомир Јовевски чиј избор во уставниот суд зависи од гласовите на ДУИ во собранието.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети кој денеска гласаше на внатрепартиските избори во Кичево е сигурен дека истрагата која ја бара сигурно нема да доведе до сериозни обвиненија пред се затоа што тој знае дека неговите луѓе нема да го прогонуваат него и функционерите на ДУИ.

Ахмети во изјава за ТВ21 рече дека Рамиз Мерко треба да биде под истрага и дека тој самиот не се противи на такво нешто, бидејќи според него, гласан е за такво нешто во Генералниот совет.

Ахмети апелираше да се отвори истрага за целокупната активност на ДУИ, односно за сите функционери, почнувајќи токму од него.

„Господин Мерко мора да биде под истрага и апсолутно господин Мерко не се противи на ваквата постапка, бидејќи тој самиот е изгласан во Генералниот совет и во Претседателството на ДУИ, да се отвори истрага, за целокупната активност на Демократската унија за интеграција, од 2002 година до сега во моментот што зборуваме. Не можеме да станеме партија, обвинители и истражители и да одговараме на секоја клевета, ниту да работиме на откривање на вистината, тоа им припаѓа на органите на правдата. Ние цврсто стоиме на ова мислење да се отвори истрага за целокупното делување на ДУИ, за сите функционери, почнувајќи од мене. Господинот Мерко не избегнува да се соочи со истрагата и бараме што поскоро да се открие целата вистина“, изјави Ахмети за ТВ21.

Ахмети во изјавата не повика во истрагата да не учествуваат кадри кои лично тој или ДУИ ги поставило во правосудството.