Се одмрзнаа маржите за лебот, млекото, јајцата – Ќе има ли нов ценовен шок?!

Цените се одмрзнаа, дел од основните прехрамбени производи благо поскапеа. Тие од сега ќе ги утврдува пазарот. Од денеска престанува да важи одлуката за ограничување на трговските маржи која се однесуваше на лебот, шеќерот, маслото, брашното, тестенините, оризот, млекото, како и млечните прозиводи. ТВ „Алфа“ направи обиколка во неколку поголеми маркети и забележа дека кај лебот, млекото и млечните производи има зголемување. За 10 денари забележавме и поскап зелечук, посебно доматите кои до сега беа под 100 денари, а сега цената се покачена за 20 денари.



Граѓаните се револтирани дека и претходно цените биле високи, но сега, велат дека ќе бидат уште повисоки. Се жалат дека се е скапо. Има и граѓани кои се надеваат дека пазарот ќе се стабилизирал.

И додека граѓаните се во грч од новиот бран поскапувања на храната, од денеска стартува и новата цена на струјата, односно Данокот на додадена вредност се враќа на 18%, што значи дека ќе плаќаме поскапа струја за 13%. Тоа ќе важи во наредните шест месеци.

ДДВ-то се враќа онаму каде што му е местото, рече министерот за финансии Фатмир Бесими. Тој уверува дека ценовен шок нема да има, зашто, како што рече, постојано ја следеле состојбата.

  • – ДДВ-то од денска се враќа на 18%, онаму каде што му е местото. Регулаторот реши за 7,04% да ја намали вкупната цената на електричната енергија во првиот блок, во вториот блок ќе биде поевтина за 4,09%, додека во третиот блок ќе има зголемување за 2,54%, а во четвртиот блок цената ќе биде повисока за 2,42%. Ние ја следиме состојбата, и сметките нема да бидат драстично повисоки, тоа ќе го видите слениот месец на сметките, рече министерот за финансии на прашање на Алфа.

Што се однесува на одмрзнатите маржи за лебот, млекото, јајцата и дали ќе има нов ценовен шок, Бесими рече дека мерката ја следат состојбата со цените на суровините и енергенсите на светските берзи, и ако имало потреба, ќе се делувало на време.

Инаку, ограничувањето на трговските маржи за основните прехранбени производи важеше до 30 јуни.

И додека кај нас пак, високите цени на храната и енергенсите силно удираат по џебот на граѓаните, власта, нема стратегија за колку толку да се ублажи ценовниот шок. Освен тоа дека ја следеле состојбата, други конкретни чекори, барем за сега не планираат. Колку за потсетување, Македонија и натаму останува меѓу земјите лидери по сиромаштија во Европа.