Цели два дена власта на СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците молчат за скандалот што се случи завчера во кој беше утврдено дека извештајот на членката на советот Тања Чачарева-Илиевска од направената контрола за предметот за масовното незаконско прислушување „Тврдина-Таргет“ е готов уште на крајот на декември 2022.
Во извештајот се констатира дека без поткрепени причини, судијата-известител Енвер Беџети го држел 9 месеци „Тврдина-Таргет“, кај што е обвинет Сашо Мијалков, и не го давал на одлучување со што придонел предметот брзо да застари.
За извештајот сепак завчера не се одлучувало затоа што во ера кога има сто начини за комуникација една членка на РСС исчезнала од состанокот и немало кворум за да има санкции за луѓето на ДУИ во оваа правосудна институција.
Завчера на затворена седница требаше колегите од Советот да одлучат дали ќе ја изземат екс претседателката Дамева. Но, од Судскиот совет е добиена информација дека точката се одложила за наредната недела, поради немање кворум. Причината е што членката Павлина Црвенковска не успеале да ја добијат на телефонска врска. Зошто исчезнала Црвенковска која претходно си даде оставка од РСС поради бизнис и политички притисок засега нема одговор.
Апелациониот суд Скопје го врати овој предмет назад на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје, со опасност вгодина да застари кривичното гонење на Мијалков и на другите обвинети за прислушувањето.
Порталот СДК потсетува дека иако јавноста очекувала дека брзо ќе се стави на дневен ред иницијативата за разрешување на Беџети, покрената од Судскиот совет под силен притисок на јавноста се случило незаконското разрешување на претходната претседателка Весна Дамева, што одзеде долг период и направи застој во работата на Судскиот совет, критикуван силно од домашните правни експерти и од меѓународните фактори кои ги помагаат реформите во судството.
Потоа следеше и периодот кога судиите Зоран Герасимовски и Мирјана Радевска-Стефкова, поради незаконското разрешување под палката на тогашниот потпретседател Селим Адеми и поради силните критики од јавноста, си поднесоа оставки на функциите членови на Судскиот совет.
Во тоа време, разрешената претседателка Дамева, поради добиени сознанија дека нејзиниот сопруг бил меѓу оштетените (прислушуваните) во „Тврдина-Тагрет“, веднаш информацијата ја изнесе пред колегите на Судскиот совет. Сметаше дека не треба да биде изземена од комисијата за разрешување на Енвер Беџети, затоа што нема врска тоа што е сопругот прислушуван незаконски од обвинетите, со тоа што судијата го чувал предметот во фиока.
Претходно членовите одлучија да ја изземат Дамева и од комисијата за оценување и интервјуирања, но само за четворица од судиите што се кандидирале. Поточно, само за оние кои одлучувале во граѓански предмети за фирмата во која нејзиниот сопруг бил раководно лице. Има голем број кандидати за избор во Апелациониот суд Скопје, па според одлуката на Судскиот совет, Дамева нема да учествува во рангирањето само на овие четворица судии.
И оваа поврзаност таа самата ја пријави, за како што рече, да не се соочи со кривична одговорност.
Откако таа го изнесе тоа пред колегите, се исплашија членовите Селим Адеми и Ханив Зендели, па по повеќемесечно молчење признаа дека биле блиски со Енвер Беџети.
Од комисијата за разрешување на Беџети, Судскиот совет го иззема само Селим Адеми, додека Ханиф Зендели не, јавува СДК.






