Ќе почнат работите на мостот „Беласица“ – ЕСМ ќе ги трга оштетените цевки за парно

Опожарениот топловод на мостот Беласица во Скопје, ќе биде отсранет а работите почнуваат веќе следната недела.



Васко Стефанов, генерален директор на АД ЕСМ вели дека ќе се вложат максимални напори отстранувањето на опожарениот топловод на мостот да се заврши во најкраток можен рок.

„Скопјани може да бидат спокојни, ќе стигнеме да ги завршиме работите до почетокот на грејната сезона. Идната недела почнува со отстранување на уништениот топловод, а потоа ќе завршат и другите работи за негова санација“, вели Стефанов, пренесе „Слободен печат“.

Професорот Михаил Гаревски, директор на приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени, за МИА потврди дека нивната експертиза за опожарениот мост „Беласица“ е направена и драфт верзијата е предадена во Град Скопје.

Од визуелната инспекција, според Гаревски, не е забележана ниту на еден дел од мостот изложеност на каблите за преднапрегање, туку тие се скриени со заштитниот слој на бетон. Овој е основниот услов и затоа оштетувањата се мали, но, сепак ќе треба да се изврши санација.

Мостот „Беласица“ е затворен од средината на мај поради пожар кој ја оштети електрична и топловодна инсталација.