Курти не е загрижен поради санкциите од ЕУ, не е ни лут

Косовскиот премиер Аљбин Курти оцени дека официјална Приштина „не е лута ниту критична“ кон казнените мерки воведени од Европската унија во Косово, нагласувајќи дека Косово е „најчесниот и најстабилен партнер во регионот“.



Курти на седницата на Владата на Косово рече дека Косово во одредени случаи е критично кон ЕУ, но „никогаш цинично или огорчено“.

„Без разлика на околностите, ја цениме поддршката и помошта на Европската Унија во текот на сите овие години и со нетрпение го очекуваме прашалникот за членство, бидејќи Европа е нашиот континент. Европската унија е нашата судбина“, рече Курти, пренесува N1.

ЕУ воведе санкции за властите во Приштина поради тензиите во северно Косово.

Ова го соопшти високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, кој објасни дека последниот состанок одржан во Брисел немал резултат.

Борел инсистираше да се одржат нови избори во четирите северни општини на Косово, но под услов косовските Срби да учествуваат на изборите.

„Не можеме да имаме градоначалници трајно заштитени од силите на НАТО, градоначалник со 3% од гласовите. Ова не се одржливи избори. Тие мора да бидат заменети со нови избори. Двете страни се договорија за ова, но учеството на Србите е неопходно , инаку ќе завршиме во истата ситуација“, објасни Борел.