Унгарскиот премиер Виктор Орбан среде Брисел ја обвини Европската унија за прекумерно трошење пари и за доведување на Унијата на работ на банкрот.



„Еве сум во Брисел, каде што треба да почне самитот на премиерите. Сите овде во Брисел поставуваат само едно прашање: ‘Каде се парите?’ Со оглед на тоа што Европската комисија презентираше амандмани на буџетот, барајќи од земјите-членки да платат неколку стотици милијарди евра повеќе, се поставува прашањето: ‘Како настана оваа ситуација? Како Европската Унија воопшто се доведе до работ на банкрот’“, праша тој во снимена порака пред почетокот на состанокот до своите колеги од ЕУ.

Тој е незадоволен и од тоа што од земјите-членки се бараат средства за мигрантите, а не против нив.

„Од нас бараат повеќе пари за миграција, но не за зајакнување на границите, туку за внесување мигранти. Ниту на себе не заборавија. Бараат милијарди евра за да го покријат зголемувањето на платите на бирократите во Брисел“, додаде Орбан.

За да се увери дека испратил јасна порака, тој објави уште еден гиф, на кој може да се види Џон Траволта во познатиот филм „Петпарачки приказни“.

„Само две години по седумгодишниот буџетски план, ЕУ останува без пари. Каде се парите?“, праша Орбан повторно.