Исламската верска заедница соопшти дека е против донесување на законите за родова еднаквост и за матична евиденција и дека ставот на ИВЗ за спорните закони за кои се отвори дебата во јавноста, е „пред се заштита на традиционалните семејни вредности, и по структура и по морал“.
Сепак, поддршката ќе биде само морална, со оглед на тоа од ИВЗ најавуваат дека нема физички да бидат присутни на протестот пред Соборниот храмнајавен за попладне пред Соборниот храм во Скопје.
ИВЗ и претходно излезе со став дека ја поддржува одлуката на сите поглавари на верските заедници во земјава…
Вчера, на манифестацијата одржана на 28 јуни по повод Денот на Курбан Бајрам, поглаварот на ИВЗ, Реисот Шаќир Фетаху, истакна дека ставот на верската заедница е дека „заштитата на традиционалните семејни вредности и по структура и по морал е сржта на едно здраво општество.
Во денешното соопштение се вели:
„Заштитата на семејството и човечкиот ген е основен принцип од кој не можеме да се оградиме, бидејќи тоа е сржта на здравото општество. Историски гледано, во минатото, во моментов и во иднина, ИВЗ секогаш ќе застане во одбрана на националните, верски, морални и духовни вредности, бидејќи заштитата на овие вредности е верска обврска за заштита на човечкото општество.
Секоја иницијатива, која било идеја или правен принцип што е во спротивност со човековата природа е неприфатлива за ИВЗ. Според информациите со кои располагаме, спорните закони во Собранието се повлечени од понатамошни процедури и за ова и честитаме на Владата за преземањето на таквиот чекор“, се наведува во соопштението од ИВЗ.







