Македонската православна црква – Охридска архиепископија денеска организира сенароден собир во знак на протест поради односот на власта кон нивното барање за повлекување од собраниска процедура на предлог законите за матична евиденција и за родова еднаквост,  бидејќи ги сметаат за сериозна закана за општеството, а особено за неговата основна клетка – семејството.



 Светиот архиерејски Синод на МПЦ – ОА на прес-конференцијата во вторникот упати апел за учество на собирот и потенцира дека тој не е насочен против никого, туку исклучиво против содржината на овие предлог закони.

  -Образложивме во повеќе наврати и во самото соопштение, експлицитно изразуваме протест против новиот контекст што му се дава на поимот род, против родовата компонента која што е застапена во Предлог законот за родова еднаквост и се користи, се злоупотребува на уште поексплицитен начин во Предлог законот за матична евиденција, којшто предвидува промена на ознака за пол при изјава која што би се базирала на субјективни индивидуални чувства на поединецот.

Ја користам оваа можност да го повикаме допопнително народот за присуство заради тоа што овој протестен рефлекс што црквата го пројавува, сосема погрешно се интерпретира во јавноста, анализирајќи се и перцепцирајќи ја црквата единствено како институција.

Црквата е многу повеќе, црквата е жив организам составен од конкретни луѓе, од заедница која што има вредносен систем кој е апсолутен контрас, апсолутно спротивен на она што ни го нудат и што се закануваат да го донесат овие два предлог закони во нашето општество, но и во црквата“, рече на прес-конференцијата епископот Јаков Стобиски.