Украинскиот претседател Владимир Зеленски предложи божикните прослави во земјата да се префрлат на 25 декември наместо на 7 јануари – датумот што традиционално го одбележува канонската православна црква – според предлог-законот објавен на вебстраницата на националниот парламент.



Во моментов, двата датума се сметаат за официјални празници во Украина. Сепак, новиот предлог-закон на Зеленски, кој сега треба да го одобри украинскиот парламент, Врховната Рада, се обидува да го измени работниот законик на Украина и да го ограничи божикниот празник на 25 декември.

Во образложението приложено со нацрт-законот се тврди дека на народот на Украина му била „наметната руската идеологија во речиси сите сфери на животот“, вклучувајќи го и почитувањето на јулијанскиот календар.

Многу православни цркви, вклучително и Украинската православна црква (УПЦ) и Руската православна црква (РПЦ), сè уште го користат јулијанскиот календар за одредување на светите денови. Според него, Божик паѓа на 7 јануари. Католичките, протестантските и неколку православни цркви го користат грегоријанскиот или новиот јулијански календар, кои се разликуваат за 13 дена и го слават Христовото раѓање на 25 декември.

„Целта на нацрт-законот е да се напушти руското наследство за наметнување на прославата на Божиќ на 7 јануари“, се вели во образложението. Се тврди дека усвојувањето на законот ќе ѝ овозможи на земјата „да ги отфрли руските традиции и да го зајакне националното единство во Украина“.

Потегот доаѓа во време на притисок од Киев врз УПЦ и обидите да ја замени со Православната црква на Украина (ПЦУ), која Вселенската патријаршија пред две години ја прогласи за автокефална. ПЦУ објави во мај дека ќе се оттргне од канонскиот православен календар и ќе се усогласи со западните католички и протестантски традиции со усвојување на новиот јулијански календар и славење на Божик на 25 декември.

Русија, која постојано го обвинува Киев за прогон на православните христијани во Украина, го осуди новиот предлог-закон на Зеленски и го опиша како дополнителен обид за маргинализирање на следбениците на УПЦ.

„Очигледно е дека се предизвикува конфликт меѓу оние верници кои сакаат да живеат според стариот календар и властите кои сакаат да им го одземат тоа“, изјави за медиумите извор од Руската православна црква.