Шолц гарантира дека нема да има нови услови за Македонија

Олаф Шолц лично гарантира дека Бугарија не смее да има нови билатерални услови за членството на Македонија во ЕУ.



Германскиот канцелар, вечерва од Берлин, порача дека преговарачката рамка на Македонија со ЕУ е јасно договорена и дека не треба да се појават нови услови, вели дека стои зад овој став и истиот го гарантира.

– Ќе бидам јасен. Не, тоа е јасно договорено. И треба така да биде, да биде редовен пристапен процес, според постапките кои се управуваат од ЕУ. Тоа се работи кои се веќе напишани на хартија и не треба да дојдат други, што се однесува до билатералната состојба. Зад тоа стојам јас, гарантирам. – рече Шолц.

Шолц испрати порака и до македонските политичари- дека сега од централо значење е промената на макеоднскиот устав.

– Имаме голема почит за македонскиот идентитет, јазик и историја и за огромните напори што ги вложува земјата со реформи кон ЕУ. Сега од централно значење е промената на Уставот. Од нејзиниот успех зависат многу нешта. Знам дека тоа не е едноставен чекор, но потребен е за да се ослободи патот кон ЕУ – рече Шолц.

А премиерот Ковачевски ги повика пратениците да кренат рака за промена на уставот и порача дека наместо интеграција има можност државата да падне во изолација

– Прв пат се наоѓаме во ситуација да немаме вето од надвор туку ветото да може да дојде од внатре. Затоа јас постојано ги повикувам пратениците и политичките партии од опозицијата да го поддржат овој процес. Овој процес не е процес на еден човек , не е процес на една влада или на една политичка партија ова е процес кој остварува цел на државата. Не може целта на интеграција во ЕУ да биде помала цел од политичкиот рејтинг и политичката кариера на било кој политичар во нашата држава. –  рече Ковачевски.

Ковачевски е во дводневна посета на Берлин на покана на германскиот канцелар Олаф Шолц.