Само два проценти намалување на сметките за струја не им значи ништо на граѓаните, зашто со враќањето на ДДВ-то од 10 на 18%, поскапо ќе плаќаат сите. Ова е ставот на енергетските експерти откако Регулаторот ја корегираше новата цена на струјата. Професорот Константин Димитров за ТВ „Алфа“ вели дека државата нема стратегија за ублажување на ценовниот шок, кој во иднина ќе биде се поголем ако Владата не покаже сериозност.

- – Мора Владата да направи мерки кои ќе бидат долготрајни, не може сега да намали само два проценти, кои на нас не ни значат ништо, а јавно да се фали дека работи. Да, работи, ама само за себе. Парите од народот ги зема, ги префрла кон Електродистрибуција, а долговите пак ќе ги враќаме ние, грѓаните, односно нашите деца, нашите внуци и поколенијата, вели Димитров за Алфа.
Граѓаните се револтирани зашто како и да се врти топката, сепак ќе се плати поскапа струја. Што се однесува, пак, до дневната евтина тарифа, таа наместо од сега, ќе стапи на сила од 1 декември од 13 до 15 часот, што за експертите било чист популизам.

Според новиот тарифник, за добар дел од домаќинствата кои се во вториот и третиот блок, поскапувањето ќе биде за нешто под 3%. За оние кои се во првите два блока, струјата ќе поевтини. Намалувањето во првиот блок е за над 7%, во 2-риот за 4%, а во третиот и четвтриот поскапува за околу 2,5%. Новата цена на струјата ќе важи од следниот месец.





