Австријците се загреаја за каналот од Дунав преку притоката Морава во Србија, па Вардар во Македонија сè до вливот во Егејско Море, бидејќи на тој начин Виена по воден пат ќе излезе на источниот Медитеран.
Мегапроектот вреден 17 милијарди евра, за кој, наводно, покажуваат интерес кинески инвеститори, а изградбата би траела шест години, би бил еден од најдолгите канали во Европа. За него се силно заинтересирани Србија, Македонија и Грција, чијшто премиер Алексис Ципрас води интензивна кампања за амбициозниот план.
„Оваа стратегија на Југоисточните Европејци само може да нè инспирира да продолжиме со развојот на нашиот воден пат кон белгиските канали“, е еден од коментарите во Австрија.
Како трансферзала север-југ, каналот може да понуди и конкуренција на железничката линија од италијанскиот град Џенова до Ротердам во Холандија, посочуваат австриски експерти, заклучувајќи дека на тој начин главниот Дунавски канал конечно ќе ја добие функцијата за која беше наменет.





