Фактор: И до 1.000 евра хонорар за експертите за уставните измени

Платформата „Отворени финансии“ покажува дека на 9 јуни Бајрам Положани од Министерството за правда добил 60.000 денари, додека на експертите како Јагода Митревска, Елена Михајлова Стратилати, Ана Чупеска, Сали Мурати, Бранко Наумоски им биле исплатени по 40.000 денари.



Споменатите, беа членови на Работната група која ја усвои Предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување, објави Фактор.

 Експертската работна група ја сочинуваа Сали Мурати – поранешен претседател на Уставен суд, Маргарита Цаца Николовска – поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Бајрам Положани – поранешен уставен судија и професор по уставно право, Бранко Наумовски – поранешен претседател на Уставен суд, Јетон Шасивари – професор на Универзитетот на ЈИЕ, Ана Чупеска – професор на Правен факултет „Јустинијан Први”, Елена Михајлова Стратилати – професор на Правен факултет „Јустинијан Први”, Беса Арифи – професор на Универзитетот на ЈИЕ, Јагода Митревска – професор на Меѓународен Славјански Универзитет и Марија Пандевска – професор на Институт за национална историја.

Предлог-иницијативата за уставни измени изготвена од Работната група од Министерството за правда уште пред две и пол недели е испратена во Владата, која треба да ја разгледа на седница, а потоа и да ја достави до Собранието, но остана отворено прашањето за – хонорарите.

Од Министерството за правда за Фактор изјавиле дека „за сумата на хонорарите треба да се поднесе барање за информација од јавен карактер и дека ангажманот на експертите завршил со поднесувањето на предлог-иницијативата до Владата. Евентуално некои од нив би можело повторно да бидат ангажирани кога процедурата би се префрлила во Собранието“.