Список на санкции за властите во Приштина поради непочитување на барањето за деескалација во северно Косово, најави вчера во Брисел Јан Герт Копман првиот човек на Генералниот директорат на ЕК за соседство и преговори за проширување.
Санкциите вклучуваат стопирање на работата на телата во рамките на Договорот за стабилизација и асоцијација, ќе го прекинеме финансиското планирање за Косово и инвестициските предлози за Западен Балкан, истакна Копман на седницата на Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент (АФЕТ).
Тој додаде дека за Косово ќе биде прекината поддршката преку процесот на јавни набавки и потпишувањето на нови договори, како и посетите на високо ниво, пренесе БЕТА.
Косовските власти не одговорија на барањата на претставниците на ЕУ за понатамошни чекори за деескалација на ситуацијата и затоа ЕК ќе воведе привремени санкции, посочи Копман и додаде дека има малку знаци дека ќе дојде до деескалација од страна на Приштина.







