Кој ќе го „чешла“ потеклото на парите на милионерот Дрин Ахмети кој ја купи „Соравиа“?!

Пинг – понг меѓу институциите. Засега никој не проверува како внукот на Али Ахмети, Дрин, за нула денари стана сопственик на 39% од деловниот центар „Соравиа“, aнализира Алфа. Министерот за внатрешни работи се иззема од одговорност, вели тоа било работа на обвинителството. Ова се податоци и информации кои што даваат можност да се отвори постапка за проверка, пред се финансиските текови. Јавното обвинителство ќе може да отвори истрага и врз основа на тоа да задолжи надлежни институции за спроведување на законот и да се проверат сите овие факти и аргументи, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски за Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ, кој за нула евра со добивање кредитна линија од банка од Тирана, доби 39% сопственост врз објектот „Соравиа“ во центарот на Скопје.



Спасовски беше запрашан дали ќе има некаква одговорност, на што одговори дека „за се што произлегува, а е спротивно на законските одредбди, секако ќе мора да има одговорност“.

  • Мораме да бидеме сите еднакви и да нема селективност во делот на спроведувањето на правдата. Во однос на морална одговорност, тоа е работа на премиерот кој што оценува на кој што начин ќе се спроведат ваквите активности, кажа Спасовски во изјава за медиумите.

Во Јавното обвинителство молк. Ова не е ни изненадување ако се земе предвид дека на чело на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција е Ислам Абази, релативно новиот раководител на ова Обвинителство, кој кога беше избран се поврзуваше со челниците од ДУИ.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети е од Зајас, Абази е негов соселанец, а таму е роден и Дрин Ахмети.

Иако на првата и единствена прес-конференција Абази се дистанцираше од Ахмети, сепак во јавноста се појавија слики на кои Абази седи со лидерот на ДУИ, Али Ахмети на „Ловечка вечера“ на голема маса со многу луѓе. Но, најопуштена семејна слика Абази имаше со Фекри Ахмети, брат на Али Ахмети и татко на Дрин Ахмети. Сликата покажува дека се на некоја семејна седенка во опуштена атмосфера.

Молк и во Финансиската полиција која е најповикана да ги провери финансиските текови и трансакции. Алфа до Финансиската полиција достави конкретни прашањаа за овој скандал, но оттаму до почетокот на вестите нема никаков одговор.

Авантурата и бизнис шемата за купување на „Соравиа“ низ насмевка веќе ја раскажаа тројцата партнери – младиот внук на лидерот на ДУИ, неговиот албански партнер, како и австрискиот сопственик на Соравиа.