Македонската влада екстрадирала турски државјанин во Анкара

Македонската влада во текот на 2017 година донесла одлука за екстрадиција на еден турски граѓанин по што со полициска придружба тој бил испратен во Анкара каде што бил предаден на турските власти.



Според информациите од Турција во операцијата на турската полиција која имала соработка со претставници на 32 земји, меѓу кои и Македонија, биле екстрадирани 108 турски државјани кои што официјална Анката ги бара со потерница преку Интерпол.

Според турски безбедносни извори минатата година имало највисок број на екстрадиции споредено со предходните две кога биле екстрадирани 81 (2016 година) и 91 лице (2015) што се должи на зголемениот број на барања за екстрадиција по обидот за воен преврат пред 18 месеци.

Најголем број екстрадиции Турција добила од Германија (17) по што следуваат Грузија (13), Азербејџан (11), и Турската република Северен Кипар (10).

По четири екстрадиции имало од Бугарија, Романија, Саудиска Арабија и Украина.

Засега нема податоци дали турскиот државјанин кој што го екстрадирала македонската влада е дел од осомничените за членство во организацијата ФЕТО на Фетула Ѓулен кој што е обвинет од Анкара како организатор на обидот за воен удар во јули 2016 година. Двајца од екстрадираните се обвинети за тероризам.

За разлика од Косово и уште 6 други земји кои што за прв пат екстрадираат криминалци во Турција на Македонија не и е прв пат да носи и да спроведува ваква одлука.

Турските извори не го откриваат идентитетот на турскиот државјанин ниту дали одлуката за екстрадиција од Македонија ја донесла владата на Зоран Заев или предходната влада предводена од премиерот Емил Димитриев.

Премиерот Заев не учествуваше на приемот организиран од турската амбасада во Скопје на 15 јули кога беше одбележан едногодишниот јубилеј од крвавиот обид за пуч во Турција.