„Без санкционирање на осомничените во случајот Маѓар Телеком, американската ‘црна листа’ останува нецелосна и селективна.“ – објави Арбен Фетаи, шеф на кабинетот на Арбен Таравари, лидерот на владината партија Алијанса за Албанците, како и раководител на Одделот за евроинтеграции на оваа албанска партија, во својата колумна. Колумната со наслов „Арбен Фетаи: Без „Маѓар Телеком“ „црната листа“ останува нецелосна и селективна“ го објави весникот на албански јазик „Лајм“. Во одредени комбинаторики Арбен Фетаи е споменуван како можен министер за надворешни работи, ако неговата партија Алијанса за Албанција ја добие таа позиција.
Високиот функционер во Алијансата за Албанците Арбен Фетаи пишува: „Маѓар Телеком е казнет со 95 милиони долари од регулаторот на американската берза, бидејќи признал дека платил 5 милиони евра мито на тројца политичари во Р*М. Судот на Р*М осуди функционери на Маѓар Телеком, вклучени во овој корупциски случај.“
„Значи, фактите се утврдени и вината е прифатена, како во САД така и во и Р*М. Имињата на примателите на поткуп се јавна тајна, но и судски факт. Останува само Стејт департментот на САД јавно да ги идентификува овие тројца политичари на високо ниво. Верувам во принципиелната политика на САД.“
Арбен Фетаи не наведува по име за кои „тројца политичари од Р*М поткупени од Маѓар Телеком“ бара да бидат ставени на „црната листа“ на САД, но еве што објави информативниот портал „Призма“ во својата информација со наслов „По 8 години затвор за поранешните директори на ‘Маѓар телеком“ на 21 март 2023 година: „Поранешниот разузнавач Слободан Богоевски пред њујоршкиот суд сведочеше дека тројца македонски политичари биле подмитени со 7,5 милиони евра за да не дозволат либерализација на телекомуникацискиот пазар. … Богоевски во Њујорк ги именуваше како Владо Бучковски, Али Ахмети и Муса Џафери…“
Во својата информација со наслов „Богоески: 5 милиони евра поткуп од ‘Маѓар телеком’ зеле и тетовските функционери А.А. и М.Џ.“, објавена на 6 септември 2015 година, „Фокус“ пишува: „Откако Њујоршкиот суд, што го води случајот против директорите на ‘Маѓар телеком’, го отвори за јавност сведочењето на поранешниот шеф на македонската тајна полиција и поранешен советник на Владата Слободан Богоески, порталот ‘Либертас’, повикувајќи се на документот од сведочењето, објави дека покрај поранешниот премиер Владо Бучковски, кој е директно посочен дека примал мито, се наведуваат уште двајца други функционери. …“
„Во сослушувањата пред Јужниот обласен суд на Њујорк Богоевски посведочи и одговори потврдно на прашањата на американскиот владин адвокат, поврзани со давањето мито на определени политички партнери во тогашната македонска Влада. Во објавениот транскрипт на страната 25 Богоески ги именува В.Б. и лицата А.А. и М.Џ. дека во повеќе наврати, а со посредство на луѓето на Кондоминас, примиле 7,5 милиони евра во кеш.“
„Богоевски потврдува и дека во рамките на ‘нон-пејпер’- документот, кој заеднички го изработиле директорите на Маѓар Телеком, заедно со советниците на тогашниот премиер В.Б. и Кондоминас, во параграфот 231, од нон-пејпер Договорот, кој веќе е потпишан од В.Б. и директорите на Маѓар Телеком, се наведува дека од сумата од 7,5 милиони евра, 5 милиони евра се за пријателите од Тетово, а 2,5 милиони евра за В.Б.“
„На прашањето дали Богоески знае да каже со кого се поврзуваат иницијалите на А.А. и М.Џ. поранешниот шеф на тајната полиција одговори со име и презиме на функционерите. На прашањето на американскиот адвокат Богоевски одговори потврдно дека знае оти наведената сума е за поткуп на именуваните политичари.“





