Пишува: Свето Тоевски
Што сега со „зачленувањето на Македонија во 2030 година“, што ќе прават сега премиерот Димитар Ковачевски, така наречениот „вицепремиер за евроинтеграции“ Бојан Маричиќ, што ќе прави министерот за надворешни работи Бујар Османи, целата Влада, откако лично Урсула Лаен кажа дека „Европската Унија би била незамислива без блокот на земји од Западниот Балкан за 20-30 години“, што значи и Македонија?! Но, и дека таа „визија“ допрва ќе „се проектира“!
По ова уште ли ќе ја тераат премиерот и ресорните министри гигантската „евроинтеграциска измама“, која била за сето време „чадна завеса“ за насилничкото планирано внесување на „државотворниот бугарски народ“ во Уставот на Македонија?!
Дали навистина ќе се осмели Владата на Македонија уште и да ги внесува во парламентарна процедура „уставните амандмани“ по оваа искрена изјава на шефицата на Европската Комисија Урсула Лаен? Сепак, реално е да се очекува дека премиерот Ковачевски и неговиот владин кабинет ќе го сторат токму тоа, оти ќе се обидат да го одминат новиот „тајминг“ за „зачленување на Западниот Балкан во ЕУ“, новата „агенда за проширување“ на ЕУ.
„Европерспективите“ на Македонија стануваат временски се подалечни и подалечни, се помагливи и помагливи.
Во меѓувреме се наложува не приоритетот, туку императивот и диктатот на македонскиот народ, изразен во овие две реченици: Не смеат да се спроведат никакви промени на Уставот! Никој нема право со внесувањето на Бугарите во него да ги отпочне сосема извесните процеси на бугаризација на Македонија и на македонскиот народ!
Македонската опозиција, македонските интелектуалци, македонската јавност треба да му упатат порака посебно на евроамбасадорот Дејвид Гир да престане да се меша во внатрешните работи на Македонија и да престане да зборува дека „во овој момент вратата на ЕУ е отворена, ако се направат уставните измени“. Гир сега првин нека се исконсултира со Урсула Лаен, а потоа нека замолчи до 2050 година и дури потоа нека се огласи со нови „понуди“ за „членство во ЕУ“.
Посебно треба да му се обрне внимание и на известувачот во Европскиот парламент за „* а Македонија“ Илхан Ќучук, исто така, и тој да престане да се меша во внатрешните работи на Македонија, да престане да врши притисоци за промена на Уставот на Македонија, сега откако Урсула Лаен ја растера „евроинтеграциската магла“ на небото на Македонија.
Илхан Ќучук мора да престане да ја „мери подготвеноста на земјата да продолжи по патот на европската интеграција, преку спроведување на неопходните уставни измени“.
Време е за коренита промена во државната „евроинтеграциска политика“ на Македонија. Многу Французи од поодамна размислуваат и бараат „фрегзит“ – излез на нивната земја од ЕУ, исто како што веќе има направено Велика Британија. Полска, Чешка и Унгарија стануваат се поголеми „евродисиденти“ во однос на политиката на официјален Брисел. Еве и втората по популарност германска партија „Алтернатива за Германија“ ја „скрои“ својата нова партиска програма, во која две од најударните заложби се: „контролиран распад на ЕУ“ и „спроведување референдум дали Германците се Германија да остане во ЕУ“!
Ваков референдум не би бил потребен во Македонија, бидејќи македонскиот народ уште на референдумот во 2018 година ја искажа својата политичка волја против влезот во ваквата Европска Унија. Сегашните анкети на јавното мислење повторно и повторно ја потврдуваат оваа позиција на најголемото мнозинство на Македонци.
„Алтернатива за Германија“, партијата која станува попопуларна отколку што е владејачката ЦДУ во Германија, ќе се бори за „изградба на нова Европска заедница на држави“, во чии темели ќе биде почитувањето на ссуверенитетот на нациите, значи, реформирање на сегашната ЕУ во „Европска заедница на суверени нации“. Само во таквата ЕУ може и треба да има место за Македонија, само како почитувана и суверена држава со истото тоа свое име – Македонија и со македонскиот народ со свој македонски идентитет.
Во оваа колумна изнесувам ставови произлезени од објективна политиколошка анализа, кои немаат поврзаност со ниедна политичка партија и со ниеден медиум. Тие ставови се поврзани и се однесуваат само на Македонија и на македонскиот народ.





