Државната комисија за спречување на корупција уште во мај 2019-та година отворила предмет против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко кој се најде на „црната листа“ на САД, но од Обвинителството немало никаква реакција, беше речено на денешната пресконференција.



Истовремено, до Судскиот совет во 2019 било пријавено дека Мерко влијаел во Основниот суд Струга да му се зголемува минимумот за јавни набавки во услови на блокирана сметка на општината. Основниот суд Струга со зголемување на минимумот во 2017 му овозможил на градоначалникот да купи скапо службено возило.

Тоа било пријавено во Судскиот совет, но од таму таинствено „го изгубиле предметот“, пренесува Фактор.

„На 20 мај 2021 доставена е уреганција до Судскиот совет. На 7 јули 2021 не известува дека по проверките на електронската архива не е пронајден таков предмет, а еве ја претставката со картонче дека преметот е примен во Судскиот совет“, рече претседателката на комисијата, Билјана Ивановска, на денешната прес-конференција.

Таа потсети дека ДКСК до Јавното обвинителство на 18 ноември 2019 поднесло иницијатива за кривично гонење на Рамиз Мерко. Предметот преку ОЈО Струга патувал до ОЈО за организиран криминал и корупција и од тогап Антикорупциска нема никаков фидбек до каде е случајот.

Ивановска рече дека Комисијата во последните четири и пол години откако е формирана има поддршка за својата работа само од меѓународниот фактор.