Тужба за САД ако Вашингтон не докаже дека дискриминираниот Мерко е криминалец (САТИРА)

Битката за правата на дискриминираниот струшки градоначалник, Рамиз Мерко, кој деновиве без никаква основа беше ставен на црна листа од страна на САД, продолжи и денес со реакција на надлежните органи, кои конечно застанаа во одбрана на нашиот напатен сограѓанин и побараа докази за ваквото оцрнување, пишува во својот сатиричен напис Иљче Затаракоски за порталот Кооперација.



,,Ние сме сериозна институција и не работиме со рекла-казала. Точно е дека против Мерко се покренати неколку обвиненија во минатото, но самиот факт што тие не се процесуирани само значи дека господинот е чист како солза”, рекле од обвинителството за случајот пишува во шеговиот напис на Кооперација.

Од таму ги повикаа американските власти да ги достават сите оригинали од доказите што ги имаат без да прават копии, па доколку тие ги убедат нашите обвинители дека Мерко е корумпиран, тие ќе се извинат, а потоа можеби и ќе ги искористат за да покренат обвиненија.

Доколку ова барање не биде исполнето во следниве 48 часа, обвинителството ќе смета дека ова е само една обична хајка врз еден докажан лидер и филантроп и ќе го советува Мерко да ги тужи САД за нарушување на честа и угледот, пишува Кооперација користејќи сатира за случајот кој е најголем удар за ДУИ од Вашингтон.