Владата ја најави евтината тарифа, ама не знае кога ќе биде воведена – технички проблеми ја одложија евтината струја

Вицепремиерот Фатмир Битиќи вели дека за два дена ќе биде објавена цената за струјата, за која што се дискутира зад затворена владина седница.



  • – „Ако цената на струјата се дискутира зад затворена седница, тогаш има причина за тоа зошто не можеме да ја објавиме во јавност. За два дена завршува тендерската постапка во ЕВН и сите ќе знаеме која ќе биде цената понудена од ЕСМ“, рече Битиќи.

Тој нагласи дека Владата стои на ставот дека треба да се воведе евтина дневна тарифа на струјата, но дека Регулаторната комисија за енергетика треба да каже кога е тоа можно да се аплицира.

Инаку следната недела ќе се знае за колку ќе се зголеми цената на струјата. Поради технички проблеми околу подесувањето на броилата на корисниците, дневната евтина тарифа, која што беше најавена од 1 јули, засега излегува од игра.

Регулаторната комисија за енергетика прави напори со цел да се изнајде решение за подесување на броилата што поскоро и да не се чека една година за да се врати дневната евтина тарифа на електрична енергија за домаќинствата. На цената ќе влијае и зголемувањето на ДДВ од 10 на 18 отсто и тоа за 7,2 проценти.