Ќе останат ли вработените во државата без плата поради штрајкот на УЈП?! Од Владата молк, ама не очекуваат да дојде до тоа

Ќе останат ли вработените без плата, а државата без пари од даноци и придононеси? Синдикатот на УЈП највува генерален штрајк за една недела – што би значело неисполнување на ниту една обврска. Сите плати во државата се исплаќаат преку Управата за јавни приходи, сите налози  на фирмите одат преку неа, како и собирањето пари од даноци, акцизи, придонеси. Ако не се зголемат платите за 30%, Синдикатот со последно предупредување – ќе има блокада на целиот систем во државата.



  • Околу 27, два дена плус или после 27, тоа не е важно. Важно е дека ако стапиме во Генерален штрајк ќе има целосен застој во функционирањето, односно нема да се извршува ниту една функција. Се што е поврзано за права и обврски на секторот и физички лица, а треба да го спроведува УЈП, ќе биде оневозможено и ќе дојдеме до поголеми состојби на нарушување на поголеми состојби на општеството во целина. Сите кои ќе сакаат да се постапи по нивни барања и други обврски, нема да се извршуваат затоа што вработените нема да ги исполнат обврските ако дојдеме до генерален штрајк, изјави Васе Неданоски, претседател на Синдикат на УЈП.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи не очекува Управата за јавни приходи да стапи во генерален штрајк. Според него, не би требало основните процеси во државата да бидат доведени во прашање. Сите вработени во јавниот сектор и администрацијата заслужуваат достоинствени плати, но местото за изнаоѓање решение, нагласи, е на маса, преку дијалог. Седницата највероатно ќе биде закажана за идната недела.  

  • Мислам дека не би требало да има генерален штрајк, особено не би требало основните процеси во државата да бидат доведени во прашање. Помирувачот, кој мислам дека веќе е назнчаен, ќе си ја направи својата работа, а ние секој ден сме отворени да разговараме со сите страни за да најдеме решение. Информации кажуваат дека побарале помирувач. Имаат временски период од десетина дена за да бараат решение. Сум кажал, и кога имавме уште поголеми кризи, дека местото за наоѓање решение е на маса, преку дијалог, а не со еднострани дела како штрајкот, истакна Битиќи.

Тој дополни и дека се одржал координативен состанок со министрите и директорите засегнати со најавениот штрајк во УЈП и протестите во Царинската управа.