Два сребрени медали и еден бронзен е билансот на македонските средношколци на 7. Европска олимпијада по физика во германскиот град Хановер.



Најголемиот успех на Македонија го остварија „сребрените“ Јан Стојановски, ученик во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“ – Скопје, и Мајкл Георгиевски, ученик во четврта година во СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ – Кавадарци, како и „бронзената“ Емилија Николовска, ученичка во трета година во Математичко-информатичка гимназија – Скопје.

На Олимпијадата, која се одржа од 16 до 20 јуни, учествуваа 38 држави, од кои 28 од Европа и 10 надвор од континентот, при што секоја од нив имаше право да пријави тим од пет ученици.

Петтемина македонски учесници, меѓу кои и Матеј Гелев, ученик во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“ – Скопје, Дамјан Стојанов, ученик во втора година во ПСУ„ Јахја Кемал“ – Скопје, ќе ја претставуваат Македонија и на 53. Меѓународна олимпијада по физика во Токио следниот месец.