Дуалното образование – можност за задржување на младиот стручен кадар во земјава. Додека бројот на младите кои ја напуштаат земјава загрижувачки брзо расте, а бизнис секторот мака мачи со недостигот од работна рака, координацијата помеѓу образованието со реалните потреби на стопанството е неминовна, сметаат македонските стопанствениците. А германскиот модел на дуално образование, кое кај нас, како што објави Алфа, како пилот-проект се практикува веќе неколку години во одредени средни училишта е само еден од тие чекори, оценуваат тие.

- – „Она што долги години се практикувало во минатото да има интензивна практична настава, ние имавме еден период на дисконтинуитет во тој дел. Значи училиштата, стручните училишта се соочија со недостаток на можности, па и компании, па и средства за да можат да ја реализираат практичната настава. Очигледно беше дека компаниите мораа да ги отворат вратите и да понудат практична настава за стручните училишта“, – кажа Орде Ѓорѓиоски, директор по правни и општи работи во АД „Витаминка“.
Инаку, за практичната работа во компаниите, учениците од дуалното образование добиваат и месечен надоместок во висина од 50 евра, а на крајот од образованието, покрај дипломата, добиваат и соодветен серификат, кој документ, според покровителот – Германската стопанска делегација, би требало младите да ги задржи дома, а не да им биде виза за побрзо нивно иселување. На овој став се и од компаниите – учеснички, бидејќи, како што велат, младите вработени лица тука имаа солидни шанси и за градење кариера, но и за солидна заработувачка.





