„Ако во нашиот Устав веќе 22 години имаме внесено седум народи и делови од народи, каква штета може да има за македонскиот народ и идентитет ако внесеме уште шест етнички заедници кои живеат тука.



За жал, опозицијата реши да се грижи повеќе за својот рејтинг отколку за стратешките интереси на државата и само тоа е причината зошто е неизвесно дали ќе дојде до промената на Уставот“, вели шефот на државата, Стево Пендаровски во интервју за Фактор.

Претседателот вели дека од првиот ден кога преговарачката рамка беше усвоена во Парламентот, тој не бил ниту оптимист ниту песимист, туку реалист кој многу добро знае што содржи рамката и кои се позициите на двата спротивставени политички блока во однос на неа.

За ставот на опозицијата околу ова прашање Пендаровски вели:

„Опозицијата направи промена од 180 степени во однос на сопствените тврдења во изминатите месеци и на лидерската средба од нивна страна не беше спомнат бугарскиот диктат, ниту дека овој парламентарен состав нема мандат за уставни промени. На лидерската средба тие прифатија да влезат во Владата и да предводат пет ресори и изразија противење само за учество во Владата на најголемата партија на Албанците во Македонија“ вели Пендаровски.

„Ако продолжат да се држат до овој нов пристап, без споменување на небулозните тврдења дека само како Бугари можеме да влеземе во ЕУ, тогаш бројката од 80 пратеници не е недостижна“ оцени претседателот во интервјуто за Фактор.