Села од Гостивар: Ова не е живот за сите што го вети Заев!

Зијадин Села денеска го посети Гостивар, каде што оствари средба со градоначалникот и сопартиец Арбен Таравари, при што упати остра порака до премиерот Зоран Заев и до Демокмратска унија за интеграција.



Лидерот на Алијанса за Албанците ги обвини Заев и ДУИ дека со блокирањето на буџетот на општината Гостивар блокираат 100.000 граѓани.

„Ова не е живот за сите што го вети Заев“, рече Села.

Гостиварскиот предлог-буџет за 2018 година е околу една милијарда денари (околу 16 милиони евра), кои Таравари ги планира за капитални инвестиции, з адовршување проекти почнати пред да седне во градоначалничката фотелја и враќање наследени долгови од 2,5 милиони евра.

„Предлог-буџетот е испратен до советниците уште пред две недели, но тие не изнајдоа решение. Како да сакаат да ни пречат во функционирањето“, се пожали поранешниот министер за здравство, кој токму поради блокадата на донесувањето на општинскиот буџет неодамна побара нови локални избори.

Претседателот на Советот, Насир Муслиу, најави нова седница за оваа тема по празниците, а рокот да се донесе буџетот е 31 март годинава.

Интегративците на Али Ахмети на октомвриските локални избори освоија девет места во Совет на Гостивар, Алијанса на Села седум, Социјалдемократски сојуз на Македонија и ВМРО-ДПМНЕ по четири, Движење БЕСА, Демократска партија на Турците на Македонија и Коалиција „Алијанса за Албанците“ предводена од Национална демократска преродба по два, а еден советник има Движење за национално единство на Турците.