Американскиот Стејт департмент уште еднаш ги повика српскиот претседател Александар Вучиќ и Владата на Србија веднаш и безусловно да ги ослободат тројцата косовски полицајци кои беа приведени на 14 јуни.
„Нивното апсење и продолжувањето на притворот поради лажни обвиненија ја влошија и онака тензичната ситуација. Исто така, продолжуваме да ги повикуваме Србија и Косово да го следат планот од три точки претставен од Европската унија и без одлагање да се вратат на дијалогот што води кон ЕУ“, се вели во соопштението на Стејт департментот, пренесе Танјуг.
Високиот суд во Краљево на 16 јуни им одреди притвор на тројца косовски полицајци кои на 14 јуни беа уапсени од српската полиција на, како што тврдат властите, српска територија.
Како што соопшти српското МВР, припадниците на антитерористичката полициска група лоцирале и уапсиле тројца припадници на косовската полиција кои биле во полна воена опрема.
Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека нивните полицајци „во ниту еден момент не ја преминале административната линија“.
Вучиќ: Нашата војска не ја премина административната линија, а ако ја премине – нема да се врати
Косовската полиција тврди дека тројца нејзини припадници биле „киднапирани“ од српската специјална полициска единица и дека тие не се специјалци, туку службеници на граничната патрола.






