Основниот кривичен суд Скопје на денешното рочиште ги отфрли како неосновани барањата на поранешните функционери Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Ристовски и Владимир Атанасовски за амнестија за случајот „Организатори на 27 април”.



„Се одбива како неосновано барањето за амнестија, бидејќи не се исполнети условите од член 1, став 2, алинеја еден и два од Закон за амнестија, изјави претседателот на Судечкиот совет, судијата Илија Трпков, кој информираше дека барањето на одбраната се однесува на примена на Законот за амнестија од 2018 година.

Со оглед дека обвинетите имаат право на жалба на одлуките, судењето се одложува за 6 јули 2023 година.

Обвинетите во овој предмет се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Апелацискиот суд во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година, со која Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, екс-министрите Јанакиески и Ристовски добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК Атанасовски шест години затвор, и предметот го врати на повторно судење.