
Сигурен сум дека никој овде не е толку глуп и неук да не знае кој е и што е. Освен власта, се разбира, и (делумно) опозицијата. Уште посигурен сум дека никој во државава не се сомнева во својот личен идентитет, уште помалку во карактерот на јазикот што го говори. Освен власта, се разбира, и (делумно) опозицијата. И никој во државава не е таков идиот да не знае кои и какви предности за земјата носи членството во ЕУ. Освен власта, нормално, и (повторно само делумно) опозицијата, кои „евросемејството“ единствено го перцепираат како крава музара!
Следствено, кому тоа, и зошто, му треба некаква тапија – од соседна држава, или дури и од ЕУ(?!) – за нашиот јазик, идентитет, култура…? И дали таа тапија, па нека е и во форма на „гаранција“, потоа ќе ни служи да мафтаме пред светот и по којзнае кој пат да докажуваме кои сме и што сме?
Веројатно, инаку зошто, и кому, би му требала некаква нова „потврда“ за којашто од неодамна труби т.н вицепремиер за евроинтеграции а со него и целата сурија владини „аналитичари“, кои уште малку па тој ден ќе го прогласат за празник на којшто ние ќе треба да скокаме од радост и да викаме Danke Deutschland. Или таквиот тип „декларација за реафирмација на нашиот јазик и идентитет во контекст на интеграциите во Европа“ односно некаков „политички гест на најголемата држава членка во Европската Унија“ треба на оваа власт да ѝ послужи детергент за перење на сите ординерни глупости што по ова (и други) прашања ги направи? Веројатно, иако, за волја на вистината, барем Deutschland ја сметавме за малку поумна!
Но што ќе се случи по тој „гест“, ќе станеме вистински Македонци, со вистински македонски јазик и уште повистински македонски идентитет од ова што сме сега? И зарем навистина во цивилизираниот свет постои начин со декларација, со „политички гест“ да се признаваат народи, јазици, култури…? Извинете, но ако на власта во оваа држава сериозно се радува на оваа будалаштина, па дури тоа го очекува и од нас, тогаш јасно ли ни е зошто толку долго во мрак талкаме по европските беспаќа?
Во нормални држави вакви небулозно неодговорни политикантски потези би предизвикале лавина од остри реакции од граѓаните, опозицијата, невладиниот сектор, стручните организации…, а некој од власта итно би бил повикан да си поднесе оставка за да не предизвикува нови скандали и поларизации во општеството. Но ова не е прв пат, а не е и единствената глупост што овие ја прават. Но Владата мора јавно, јасно и гласно да се образложи дали навистина мисли дека на македонскиот јазик му недостасува уште еден таков глупав – или налудничав, како сакате – самоубиствен експеримент. Независно што и една Германија се впушта во таква глупост. Или можеби тие сега очекуваат нашето Собрание да усвои декларација за нивниот јазик и идентитет?
Но ако ова навистина така се случи, а ќе се случи, нема ли ние себеси да почнеме да се гледаме како идиоти, како толпа без корен и етногенеза, како малоумници на кои некој однадвор мора да им потврди кои се и што се? И зошто ни се тогаш онаа МАНУ, оние универзитети, оние институти…, па и зошто ни е меморијата за еден Конески, Тошев, Видоевски… или Пенушлиски, или Јаневски…, не пак за Светите браќа и нивните ученици како вистински историски автори на проектот за македонскиот јазик, идентитет, култура?
Понатаму, зарем оваа власт, вклучувајќи го тука пред сѐ двоецот без кормилар Маричиќ и Ковачевски, е толку неспособна да разбере дека таквите „меѓународни“ потези и „признанија“ претставуваат светогрдие, бласфемија, криминално спуштање на едно суштински цивилизациско прашања на некакво недостојно, пазарџиско рамниште? И зарем таа „најголема држава членка на ЕУ“ што така ги импресионира кутрите мали Маричиќ и Ковачевски подобро знае од нас кои сме, што сме и од каде сме? Зарем малку ни беше сиот овој срам низ изминативе години, па уште и ова ли ни треба?
И конечно: нема ли овој шалабајзерски шаблон на „разрешување“ на некакви „дилеми“ во закостените евро-македонски умови да премине во манир и за други прашања? На пример: за историјата, за етногенезата, за образованието, за културата (во најшироката смисла на зборот)? И за сите овие прашања да чекаме – од „голема држава членка на ЕУ“ – некакви декларации, политички гестови, можеби дури и дипломи или само обични сметко-потврди дека сме положиле за ЕУ членка?
Извинете, но се срами ли некој заради ова? Или (и) срамот ќе го оставиме на идните генерации? И зарем и во сегашнава СДСМ навистина нема доволно (само)критични поединци кои вицепремиерот, во пакет со премиерот, би ги депортирале на буништето на политиката. Или (и) тоа така се прави само во цивилизирани држави?!
Целата колумна на Златко Теодосиевски за Плусинфо на следниот линк:





