Грција трага по преживеани од бродоломот со мигранти, најмалку 78 загинати

Спасувачите и денеска гo пребаруваат морeто во масовна операција за спасување, по бродоломот во кој загинаа најмалку 78 мигранти во една од најсмртоносните такви катастрофи во Европа во последниве години, јави „Катимерини



Извештаите сугерираат дека стотици луѓе биле на рибарскиот брод што се преврте и потона рано во средата во длабоките води на околу 80 километри од јужниот крајбрежен град Пилос.

Утрово, брод на крајбрежната стража вплови во блискиот пристанишен град Каламата, пренесувајќи жртви. По официјалното пребројување, властите го ревидираа бројот на загинати на 78 од 79, а соопштија дека 104 луѓе биле спасени.

Се стравува дека можеби имало 750 луѓе на бродот долг 20 до 30 метри.

Меѓународната организација за миграција на ОН соопшти дека првичните извештаи сугерираат дека во бродот имало до 400 луѓе.

Новинскиот портал „Прото тема“ и ТВ „Скаи“ објавија дека, според очевидци, главно жени и деца биле во складиштето на бродот.

„Тоа беше рибарски брод преполн со луѓе кои ја одбија нашата помош затоа што сакаа да одат во Италија“, изјави портпаролот на крајбрежната стража Никос Алексиу за телевизијата Скаи.

Според владини извори, операцијата за пребарување треба да продолжи најмалку до петок наутро.

Воздушните снимки објавени од грчката крајбрежна стража покажаа дека десетици луѓе на горните и долните палуби на бродот гледаат нагоре, некои со раширени раце, неколку часа пред да потоне.

Аларм Телефон, кој управува со трансевропска мрежа за поддршка на спасувачките операции, соопшти дека доцна во вторникот добил предупредувања од луѓе на бродот.

Се вели дека ги предупредиле грчките власти и разговарале со луѓето на бродот, кои процениле дека на бродот имало до 750 луѓе и апелирале за помош, а капетанот побегнал со мал брод.

Владини претставници рекоа дека пред да се преврти и потоне околу 2 часот по полноќ во средата, моторот на бродот запрел.

Преодната администрација на Грција, која е на власт меѓу неубедливите избори на 21 мај и новите избори на 25 јуни, прогласи тридневна национална жалост.