Борел бара од Курти смирување на ситуацијата на северот од Косово

Без смирување на ситуацијата на северот на Косово, нема простор за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина, му порача високиот претставник на Европската унија за надворешна политика, Жозеп Борел на косовскиот премиер Албин Курти.



Во писмото до Курти, Борел наведува дека е подготвен да свика средба на високо ниво со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, под услов Курти да биде подготвен да ги преземе неопходните чекори за деескалација и да овозможи нови локални избори.

„Не можеме да постигнеме напредок во нормализацијата на односите додека се занимаваме со кризниот менаџмент.

ЕУ и САД инвестираа многу во нормализацијата и сакаме да го видиме напредокот“, се наведува во писмото. Борел одговори на планот од пет точки што Курти вчера го испрати до државите од Квинта и Брисел.

Писмото го твитна портпаролот на високиот претставник, Питер Стано, наведувајќи дека Борел ги објаснил очекувањата на ЕУ и неопходните чекори за вистинска деескалација. (МИА)