Германскиот Бундестаг денеска ќе гласа за резолуцијата за Македонија, со која недвосмислено ги признава македонскиот јазик, култура и идентитет, вели пратеникот на Либералите (ФДП) Томас Хакер, во изјава за Дојче веле.
Хакер е еден од иницијаторите на резолуцијата на германскиот парламент која вечерва ќе се најде на дневен ред на Бундестагот.
Хајредини: Зарем не постои македонски јазик и идентитет без потврда од Германија?
Со оваа резолуција Бундестагот сака да ја охрабри с. Македонија да го спроведе компромисот со Европската унија од летото 2022 година, вели Хакер, алудирајќи на договорот за вметнување на Бугарите во Уставот.
„Спроведувањето на компромисот нема да доведе до загуба на македонскиот јазик, култура и идентитет, како што стравуваат некои политички експонирани личности во Северна Македонија“, смета Хакер. Според пратеникот, исполнувањето на договорот ќе му овозможи на Скопје да го отвори првиот преговарачки кластер, а тоа, вели Хакер, „е од клучно значење”.
Според информации на ДВ, во резолуцијата за која ќе гласа германскиот Бундестаг се дава поддршка за европската иднина на с.Македонија, признание на македонската култура, идентитет и јазик, како и серија препораки за владата во Берлин. Меѓудругото, од сојузната влада се бара да влијае врз Бугарија да не го кочи пристапниот процес на Северна Македонија кон ЕУ и да не поставува дополнителни услови.







