Претепаниот Кадриески повеќе не сакал да живее во Македонија, туку во Бугарија!

Бекир Кадриески од Лабуништа, сопретседател на здружението на Бугарите „Шемето“ кој беше претепан вчера во Струга од А.Н. од Велешта поради, како што тврди, неговото бугарско самосознание, не сакал повеќе да живее во Македонија и ќе одел во Бугарија.



„Ќе дојдам сега. Можеби утре. Ќе дојдам за да се погрижам за моето здравје“, изјави Кадриески за бугарската телевизија Нова.

„Не сум добро. Крварам. Чувствувам вртоглавица“, објасни тој, додавајќи дека има болки во главата и во стомакот.

Вчера нешто по 9 часот копретседателот на „Шемето“ излегувал од кафуле во Струга и во тој момент го нападнал непознат маж.

„Да ви еб.. бугарското племе! Го пцуе овој, оној. Жена, деца. Валкани Бугари! Што ли не кажа, секакви работи. Сакав да влезам во автомобилот, а тој почна да ме удира во стомакот“, се присетува Кадриески на нападот врз него.

Неговиот напаѓач го шутнал и автомобилот на кој имало и бугарско знаме. Тој бил со уште четворица мажи. Бекир вели дека и пред овој ќотек добивал закани на Фејсбук.

„Добив закани дека ќе ме убијат. Тоа е нормално овде. А вчера додека ме тепаше ми рече: ‘Ако одиш во полиција, ќе те убијам! Да знаеш, ќе ти го убијам и семејството“, пренесува тој.

Покрај недовербата во судството во Македонија, Кадриески никогаш немало да го заборави ниту „разбирањето“ со кое полицајците се однесувале кон неговиот напаѓач.

„’Таков е тој човек. Таков е.. Проблематичен’“. Значи, ако е проблематичен, што треба да се случи? Да нè убие ли?“, праша жртвата пред ТВ Нова.