Момчето што застрела учител во БиХ не може кривично да одговара

Поради тоа што напаѓачот немал 14 години, тој не може кривично да одговара според законот во БиХ и не може да му се изрече затворска казна, јавува „Ал џезира“.



Во пукањето во основното училиште во Лукавац, во кантонот Тузла, на североистокот на Босна и Херцеговина, наставник е тешко ранет, а малолетниот напаѓач е уапсен.

Станува збор за поранешен ученик на ОУ „Лукавац Град“, кој среде учебна година бил исфрлен од училиштето поради недолично однесување.

Во меѓувреме, со него се занимавале и од Центарот за социјална работа.

Поради тоа што напаѓачот нема 14 години, тој не може кривично да одговара според законот во БиХ и не може да му се изрече затворска казна, јавува медиумот.

Наместо тоа, може да биде упатен во психијатриска или во воспитно-поправна установа, сето тоа во согласност со стручната процена и препораките на Центарот за социјална работа.

Во училиштето и на местото на неговото приведување сѐ уште трае полицискиот увид.