Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски лаже кога тврди сака има приведено лице за случајот со напад врз македонски државјанин кој се чувствува како Бугарин.
Ниту една институција не дала налог за приведување на напаѓачот ниту тој е приведен, тврдат извори во обвинителството од каде се бара министерот Спасовски да не го инволвира правосудството во неговите политички манипулации.
Лицето за кое Спасовски тврди дека е приведено само се пријавило во полициска станица а не било однесено во МВР или обвинителството со полициска придружба како што тврди министерот.
Зошто министерот Спасовски излажал на изворите на expres.mk не им е јасно но за нив постојат две можни причини, или шефот на МВР по 7 години на позицијата не ги знае процедурите за приведување или свесно лаже за некакви политички причини.
Изворите кои инсистираат на анонимност тврдат дека не е прв пат Спасовски погрешно да претставува случаи во јавноста.
Спасовски денеска го прогласи за расчистен инцидентот кој вчера се случи во Струга, каде едно лице го тепало претседателот на бугарското здружение „Шемето“, Бекир Кадриески.
„Во однос на овој настан, важно е тоа што брзо и ефикасно се делуваше. Приведен е напаѓачот на лицето. Земени се изјави од страна на очевидците. Пријавата и изјавата од оштетениот се одвиваше во медицинскиот центар. Известен е Јавниот обвинител и по прибирањето на сите докази, ќе бидат поднесени пријавите. Од МВР овој случај е расчистен“, објави денеска Спасовски.
Бугарското Министерство за надворешни работи вчера објави дека вработен во Генералниот конзулат во Битола е испратен во Струга со цел „да се расчистат фактите околу случајот и да се утврди дали нападот е резултат на кривично дело од омраза“. Кадриески, за „Нова.бг“ изјавил дека го нападнало непознато лице во градот Струга. Тој тврдеше дека добил навреди дека е „валкан Бугарин“.
Напаѓачот според информациите од Струга е етнички Албанец.





