Министерството за надворешни работи (МНР) апелира да не се даваат предвремени квалификации во врска со инцидентот во кој наводно бил нападнат претседателот на бугарското здружение „Шемето“ во Струга, за кој вчера најпрво јавија бугарските медиуми, а потоа се огласи и бугарското МНР.



МНР на Бугарија истражува дали се случил нов случај „Пендиков“

„Овој настан не смее да фрла сенка врз институционалните напори за негување на правата и интересите на помалите заедници, вклучително и напорите за уставно-правно загарантирани права за нив, меѓу нив и бугарската заедница“, соопшти Министерството за надворешни работи.

МНР упати повик до политичките субјекти и до јавноста во Бугарија да им овозможат на институциите во земјава да ги расчистат околностите на инцидентот и соодветно да постапат.

Претседателот на бугарското здружение „Шемето“, Бекир Кадриески, вчера за бугарскиот портал Нова.бг изјавил оти бил претепан од непознато лице во Струга. Тврдел оти бил соборен на земја и клоцан, а бил удиран и со раце. Рекол и дека при тепањето бил навредуван на етничка основа со зборовите „валкан Бугарин“.