Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска се изјасни за невин по обвиненијата дека прикрил документи за националната безбедност кога ја напуштил функцијата.
„Без сенка на сомнеж, се изјаснуваме за невини“, рече неговиот адвокат Тод Бланш на сослушувањето.
Правната битка на Трамп ќе се води во наредните месеци во екот на кампањата на Трамп да освои уште еден претседателски мандат на изборите во 2024 година.
Експертите велат дека судењето може да потрае една година па дури и повеќе.
Кога се појави пред судот во Мајами, Трамп беше накратко уапсен, но, како што објави Си-Ен-Ен, тој беше ослободен без услов да се брани по завршувањето на рочиштето.
Трамп на својата платформа „Truth Social“ напиша: „Еден од најтажните денови во историјата на нашата земја! Ние сме нација во пад!!!
Додека го напушташе судот, тој на група свои поддржувачи им рече: „Ова е наместена зделка. Имаме изманипулирана земја“.
Трамп (76) е првиот претседател или поранешен претседател кој е обвинет за федерално кривично дело.
Тој ги отфрли сите обвинувања и го обвини актуелниот претседател Џо Бајден за „лов на вештерки“.
Тој, исто така, рече дека доколку биде избран за претседател следната година, ќе назначи специјален обвинител кој ќе го испита претседателот Џо Бајден и неговото семејство, јави „Гласот на Америка“.
Според неговите зборови, обвиненијата против него всушност ја помагаат неговата кампања за уште еден мандат во Белата куќа.
Трамп води меѓу републиканските кандидати. По него се гувернерот на американската сојузна држава Флорида, Рон ДеСантис и поранешниот потпретседател Мајк Пенс.






