Филхармонија демантира скандал, не свиреле со Цеца и Аца Лукас

Националната институција ,,Македонска филхармонија” во соопштение за медиумите демантира дека настапиле на свадбата на скопски бизнисмен.



„Во врска со изнесените дезинформации во јавноста дека Македонската филхармонија наводно настапила на свадбата на познат скопски бизнисмен во хотелот ‘Мериот’ во Скопје, националната културна установа ги демантира тенденциозните и сензационалистички наводи објавени во дел од медиумите“, стои во соопштението до јавноста.

Демантот на Филхармонија доаѓа откако повеќе медиуми пренесоа вест која дошла од компанијата ,,Гулф оил” на бизнисменот Стајиќ дека за време на неговата свадба се играло танго на музика која ја свирела Македонската филхармонија.

Според медиумски извори лице за односи со јавноста во оваа компанија е поранешната новинарка Кети Гетева која работеше во ТВ Алфа пред да замине за портпаролка на екс министерот за здравство Венко Филипче.

Во соопштението од Македонска филхармонија стои дека под секое ниво на Филхармонија, како една од најценетите и најреномирани институции во државата, е да свири на приватни веселби и свадби, кои немаат никаква допирна точка со пропагирање на музичкото творештво и културните вредности.

„Симфонискиот оркестар на македонска филхармонија настапува само во рамките на својата претходно дефинирана програма и редовниот репертоар, но тоа не ги спречува членовите на оркестарот приватно да бидат ангажирани и самостојно да музицираат надвор од институцијата. Ваквите измислени написи имаат само за цел да ја дискредитираат работата на Филхармонија и да го нарушат нејзиното реноме“, стои во соопштението од Македонска филхармонија

Зошто медиумите кои подоцна ја избришаа првичната информација биле брифирани дека Филхармонија свирела на свадба со Цеца и Аца Лукас засега не е јасно.